Втор триместар

Втор триместар

Влеговте во второто тромесечје, може да се опуштите бидејќи опасноста од спонтан абортус помина. Вашиот стомак од ден за ден сè повеќе ќе расте. Околу 4. месец ќе почнете да го чувствувате движењето на вашето бебе. Како бебето расте така неговите движења ќе бидат посилни.

Пред 2 месеци вашето бебе претставуваше само група од клетки, а сега веќе има функционални органи, нерви и мускули. Kалендарот на настани кај вашето бебе и кај вассе одвива по следниот редослед:

13. до 17.недела, може да се види полот на бебето

Бебето почнува да формира урина и истата ја ослободува во амнионската течност. Веќе во 14. недела полот на бебето станува видлив.Вратот е добро развиен и главата веќе не лежи на градите на бебето. Должина 8см, тежина 25 грама. Подве недели бебето почнува да прави гримаси на лицето и движења на цицање со устата. Во 17. недела масното ткиво почнува да се развива под кожата на бебето. Тоа ќе обезбедува енергија и ќе помага бебето да одржува топлина по породувањето. Сега вашето бебе има 100 грама, а вие имате зголемено просечно 3,2кг од почетокот на бременоста. Како што се зголемува циркулацијата на крвта на вашата кожа, одредени делови од кожата можат да станат потемни, како што е кожата околу брадавиците, делови од лицето, како и линијата на стомакот од папокот до карличната коска. Со изложување на сонце ќе се потенцираат овие појави.По бременоста тие ќе исчезнат.

18.недела, фетусот почнува да слуша звуци

Во овој период фетусот ќе се навикне на звукот на отчукувањата на мајчиното срце и работата на цревата, па по породувањето ќе забележите како новороденчетосе смирува кога ќе го ставите покрај вашето срце.Како што матката се зголемува, за да овозможи простор за бебето кое расте, така и вашиот стомак се зголемува. Почнувајќи од вториот триместар очекувајте да ја зголемите тежината околу 1.4 до 1.8 килограми месечно. Можни се тешкотии при спиењето поради големината на стомакот. Најлесно е да се навикнете да спиете на страна.

Може да забележите бел вагинален исцедок. Овој исцедок се смета дека помага во супресија на развојот на потенцијално опасни бактерии. Вагината има ациден pH кој варира од 3.5 до 6. Киселата средина во вагината е всушност и природна одбрана од микроорганизмите. Доколку се појави исцедок со непријатен мирис, зелен или жолтеникав или доколку истиот е придружен со црвенило, чешање и иритација, тоа се знаци на вагинална инфекција, која е една од најчестите причини за предвременото пукање на воденикот и предвременото породување. Се препорачува да се направат микробиолошки брисеви. Консултирајте го вашиот гинеколог.

19. недела, проблеми со дишењето и непцата

Од оваа недела се формира обвивка околу бебето што се вика верникс казеоза, која ја штити кожата на бебето од оштетувања. Кај женските бебиња, се формираат матката и вагината.Како што се зголемува циркулацијата, повеќе крв поминува низ вашите мукозни мембрани. Тоа доведува внатрешната слузница на носот и на дишните патишта да отече, што може да го намали протокот на воздух и доведува до хрчење, потешко дишење, чувство на затнат нос. Од истите причини се појавува и крвавење од вашите непца при четкање на забите. Препораката е да користете помека четкичка за заби во бременоста.

20. недела- пола од бременоста помина

Средина на бременоста. Вообичаено можете да ги чувствувате движењата на бебето.Тежина 300гр, должина 20- 25см. Може да забележите розови, црвени или виолетови ленти на вашиот стомак, гради, горниот дел на рацете, бутовите. На тие делови од кожата може да е поосетлива и да чеша. Хидратантни креми можат да помогнат.

21. до 23. недела, мозочните клетки на фетусот се развиваат забрзано

Лануго – мали ситни влакненца растат насекаде по неговата кожа. Слухот веќе толку е развиен што бебето слуша и звукови од надвор. Од 23. недела бебето почнува да има поизразени движења на очите. Јазикот на бебето наскоро развива рецептори за вкус. Кај машките деца во овој период тестисите се спуштаат од абдоменот. За девојчињата матката и јајчниците се формирани, со комплетен број на јајце клетки за целиот живот. Мозочните клетки се развиваат многу брзо. Особено оние одговорни за мислење, учење и паметење. Коските се многу поцврсти, а кожата станува подебела.

Вашите крвни садови се шират како одговор на хормоните на бременоста.Во исто време вашиот волумен на крвта рапидно се зголемува уште од стартот на бременоста. До 34. недела се зголемува за 45% повеќе од волуменот кој бил пред бременоста. Ова може да доведе до пад на вашиот крвен притисок и да почувствувате повремено слабост па дури и вртоглавици и тахикардија. Доколку имате вакви тегоби, пијте многу течности и станувајте полека, по лежење или седење. Доколку се чувствувате слабо најдобро е да легнете. Потребни се редовна лабораториска контрола и контрола кај гинекологот.

24. недела, срцето на фетусот може да се чуе и со слушалка

Расте косата на главата на бебето. Бебето е околу 30см долго и 630 грама тешко.Детето има развиен дневен ритам кој може да го почувствувате. Неговото срце сега може да се чуе и со слушалка. Бебето има ориентација додека се движи низ вашиот стомак!Во овој период може да се појават контракции, Бракстон Никсконтракции, кои се во вид на стегање, притисок или тежина во долниот дел на стомакот. Тие обично се слаби и доаѓаат и исчезнуваат непредвидливо и не се регуларни. Доколку контракциите се чести, и се појавуваат на определени интервали или се појави и крвавење, веднаш консултирајте го вашиот гинеколог бидејќи може да се работи за предвремено породување.

25.и 26. недела, хормонските промени доведуваат до застој на урината

Вашето бебе веќе е способно да одговори на познати звуци, како вашиот глас, со одредени движења.Хормонските промени го забавуваат текот на урината, но голема улога игра и зголемувањето на матката.Таа може да притиска на мочниот меур или на уретрите кои ја доведуваат урината до мочниот меур и да врши застој на урината. И двата фактора доведуваат до застој на урина и можноста за развој на инфекции на мочниот меур и бубрезите.Во 26. недела кај вашето бебе се формирани нокти. Белите дробови на бебето почнуваат да произведуваат сурфактант, материја која овозможува алвеолите на белите дробови да се полнат со воздух и спречува тие да колабираат. Во оваа недела бебето е 23см долго и 820 грама тешко.

27. недела - вториот триместар завршува

Белите дробови на бебето продолжуваат да созреваат, а исто така созрева и нервниот систем на бебето. Капаците на очите се толку развиени што бебето може да ги отвора очите, да гледа во матката, да забележува светлина низ слоевите на стомакот. Детето вежба голтање и го цица палецот. Некои мајки може да го осетат штуцањето на бебето, како ритмички движења на неговото тело. Сега доколку предвремено се роди има добри шанси да преживее.

Ултразвучен скрининг во втор триместар – Во периодот од 19. до 21. недела се препорачува ултразвучен преглед при кој гинекологот покрај растот на плодот, детално ја прегледува анатомијата на плодот и поединечно неговите органи како срцето, мозокот, белите дробови, желудникот, бубрезите, половината и бешиката. Се прегледува и плацентата, плодовата вода, папчаникот, должината на грлото на матката. При тој преглед може да се забележат знаци на плодот кои би укажале на ризик од Даунов синдром или друга хромозомска абнормалност. Доколку постои одредено сомневање за зголемен ризик на плодот за хромозомска болест при ултразвучниот преглед или имате над 35 години или претходно дете со хромозомска болест или фамилијарно постоење на таква болест, вашиот гинеколог може да ви понуди амниоцентеза.