Контракциите на матката се нормална појава. Се јавуваат како резултат на контрахирање на мускулите на матката. Породилните контракции се разликуваат од лажните или т.н. Braxton Hicks контракции според фреквенцијата и јачината.
Спонтаните и нередовни Braxton Hicks контракции најчесто се јавуваат околу
20. недела .Се јавуваат во нередовни интервали и се со слаб интензитет, па многу од бремените жени не ги почувствувале иако се случиле. Овие „лажни“ контракции се всушност подготовка на матката за главната улога – породувањето.
Кои се вистински контракции, а кои Braxton Hicks контракции?
Вистинските контракции го најавуваат чинот на породување, додека Braxton Hicks контракции се на некој начин подготовка на матката за овој чин. Меѓутоа, многу често и појавата на „лажните“ контракции предизвикува паника кај бремените жени, посебно ако станува збор за прва бременост. Всушност, постои навистина голема разлика меѓу двата типа контракции.
- Braxton Hicks контракциите може да не ги забележите иако се јавиле. Родилните контракции се со многу поголем интензитет и не постои бремена жена што може да не ги регистрира.
- Braxton Hicks контракции се јавуваат во нередовни интервали и се со слаб интензитет.
- Вистинските контракции се јавуваат во одреден интервал, потоа стануваат сè почести и со посилен интензитет.
- Вистинските контракции многу често се придружени со воденест исцедок (водењак) или сукрвица. Покрај тоа, често се јавува и болка во долниот дел на грбот.
Пијте многу течности
Една од причините за појава на Braxton Hicks контракции е дехидратацијата. Недоволниот внес на течности може и да го зголеми интензитетот на овие контракции. Доколку ги забележите Braxton Hicks контракциите, напијте се вода и одморајте легнати странично. Овие контракции знаат да се јават и како резултат на слаба физичка активност. Она што е од големо значење е да не ве фати паника доколку ги почувствувате. Доживејте ги Braxton Hicks контракциите како нормална реакција на телото и подготовка за чинот на раѓање.