Новости

img

ВОДИЧ НИЗ ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ СКРИНИНЗИ ВО БРЕМЕНОСТ

Пренаталната грижа е систематизиран и структуриран процес на медицинско следење на бременоста, со цел рана детекција на ризици, предикција и превенција на компликации и соодветно планирање на грижата, со цел добивање здрава мајка и здраво бебе. Во современата перинатална медицина, задолжителните скрининзи се темел на квалитетната здравствена заштита и се спроведуваат во согласност со меѓународни клинички препораки, базирани врз докази, објаснува проф. д-р Корнелија Трајкова, специјалист гинеколог акушер. Бремените жени треба да бидат информирани за обемот и целта на секој скрининг, за да можат да донесат информирана одлука. Бременоста е поделена во три тримесечја, а за секој период постојат прецизно дефинирани препораки во однос на видот, обемот и целта на прегледите и скрининзите што се препорачуваат.

ПРВОТО ТРИМЕСЕЧЈЕ Е ЗНАЧАЕН ПЕРИОД НА РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА РИЗИК

Иницијален лабораториски скрининг и скрининг за инфекции – опфаќа крвна слика, одредување крвна група и Rh-фактор, анализа на нивото на шеќерот во крвта, биохемиска и микробиолошка анализа на урина и серолошки тестирања за ХИВ, хепатит Б и Ц, сифилис (што во последниве години бележи пораст на глобално ниво), TORCH-инфекции. Целта е рана детекција на ризик-фактори. Согласно со националните препораки се препорачува микробиолошка анализа на примероци/брисеви од вагина и грло на матка, како и проценка на pH-вредност на вагина, со цел рана детекција на генитални инфекции. Биохемиската анализа на урина се спроведува еднаш месечно во текот на бременоста, со цел рана детекција на уринарни инфекции и присуство на гликоза, протеини во урина (протеинурија) или нарушувања на функцијата на бубрезите. Во рамки на скринингот за хипертензивни нарушувања, вклучително и прееклампсија, уште при првиот антенатален преглед, се врши проценка на индексот на телесна маса (BMI), мерење на артерискиот крвен притисок и детална анамнеза за претходна хипертензија, бубрежни заболувања или прееклампсија/ еклампсија во претходни бремености. Во текот на бременоста се спроведува редовно следење на артерискиот крвен притисок и протеинурија, како и клиничка проценка за појава на отоци, со цел навремено препознавање на евентуални компликации. Ултразвучниот скрининг, покрај потврда на веројатниот термин за раѓање, вклучува детална структурна проценка и анализа на т.н. ултразвучни маркери (како нухална транслуценца, присуство на носна коска, проценка на одредени маркери од фетална циркулација итн.). Овој преглед е исклучително важен затоа што многу нарушувања што порано се откриваа во вториот триместар, сега можат да се детектираат многу порано, овозможувајќи рана проценка на ризик и навремено планирање на грижата. Може да се понуди во комбинација со анализа на биохемиски маркери од крв и податоци за бременоста и здравјето на жената, за статистичка калкулација на ризик. Може да се дополни и со неинвазивен пренатален тест (NIPT), што претставува современ скрининг преку анализа на циркулирачки фрагменти од ДНК од крвта на мајката, за проценка на ризикот од најчестите хромозомски аномалии како Даунов синдром (трисомија 21), трисомија 18, 13 итн.

ВТОРОТО ТРИМЕСЕЧЈЕ Е ПЕРИОД НА ДЕТАЛНА МОРФОЛОШКА ПРОЦЕНКА

 Ултразвучен скрининг за структурни аномалии се препорачува во периодот меѓу 18. и 22. гестациска недела. Вклучува проценка на точно определена листа на критериуми, како и проценка на должината на грлото на матката, со цел превенција на предвремено породување. Целта на скринингот е откривање структурни аномалии и евентуално спроведување на дополнителни дијагностички или терапевтски процедури. Скрининг за гестациски дијабетес (помеѓу 24. и 28. недела) со орален гликоза-толеранс тест (OGTT), со цел рана детекција на гестациски дијабетес. Навремената дијагноза овозможува соодветно менаџирање на бременоста и значително го намалува ризикот од компликации, кои може да бидат многу сериозни. Во 28. гестациска недела се препорачува анализа на крвна слика како скрининг за анемија.

ТРЕТОТО ТРИМЕСЕЧЈЕ – ПЕРИОД НА ИНТЕНЗИВНО СЛЕДЕЊЕ НА РАСТОТ И РАЗВОЈОТ НА ФЕТУСОТ И ПРОЦЕНКА НА ЦИРКУЛАЦИЈА

Ултразвучен скрининг за растот и развојот на фетусот се препорачува во периодот од 28. до 32. гестациска недела, односно проценка на циркулација, а по 32. гестациска недела и точна локализација на постелката, односно проценка за оддалеченост од каналот на грлото на матката. Од 36. гестациска недела е важна проценката на поставеноста на плодот во матката. Скрининг за инфекции: брис од вагина за бактериолошка анализа и брис за Streptococcus agalactiae – Group B Streptococcus (GBS) од 34. до 36. гестациска недела, односно колку што е можно поблиску до веројатниот термин за раѓање. Целта е откривање на носителите на GBS и давање антибиотска профилакса во тек на раѓање, со цел превенција на рана инфекција на новороденчето.

Пренаталните скрининзи претставуваат темел на современата перинатална медицина. Тие овозможуваат навремено препознавање на потенцијални ризици и создавање внимателно структуриран, индивидуализиран пристап кон грижата, со цел да се обезбеди најдобар можен исход за мајката и новороденчето.