Бесплатен прв ехокардиографски преглед за секое новороденче во „Аџибадем Систина“
Грижата за здравјето на најмладите започнува уште од првиот ден. Во „Аџибадем Систина“ секое новороденче, како нова бенефиција во пакетите за породување покрај аудиолошкиот и ортопедскиот скрининг, добива и бесплатен кардиолошки скрининг, односно ехо преглед на срце – најсензитивната дијагностичка метода која овозможува откривање на евентуални аномалии уште во првите денови од животот. Прегледите ги изведуваат докторки со долгогодишно искуство од оваа област, д-р мед. науки Светлана Крстевска-Блажевска, специјалист по педијатрија – кардиолог и м-р доктор Бети Ѓуркова-Ангеловска, специјалист по педијатрија, супспецијалист по педијатриска кардиологија.
Д-р мед. науки Светлана Крстевска-Блажевска, специјалист по педијатрија – кардиолог вели дека дијагнозата на срцевите мани во поголемиот дел од случаите се поставува уште во првата недела од животот. Во неонаталниот период при рутинските прегледи кај новороденчињата со аускултација на срце од страна на педијатар може да се детектира присуство на срцев шум, што е еден од знаците за постоење на можна срцева мана, но за утврдување и поставување на точна дијагноза потребно е да се направат дополнителни иследувања.
„Дијагнозата на срцевите мани во 40-50 % од случаите се поставува уште во првата недела од животот, а речиси 100 % до крајот на првата година. Доколку се детектира шум на срце, потребно е да се направат дополнителни иследувањa, како што се: ехокардиограм, електрокардиограм (ЕКГ) и рендгенограм (РТГ) на срцето и белите дробови. Превентивните ехокардиографски прегледи се многу важни кај новороденчињата и се прават со цел навремено да се откријат можните аномалии на срцето“, објаснува д-р Крстевска-Блажевска.
Конгениталните кардиопатии се најчести конгенитални малформации кај децата со зачестеност од 6 на 1000 живородени новороденчиња. Навремената дијагноза на конгениталните кардиопатии е потребна за нивно навремено и правилно лекување.
„Овој преглед е од особено значење, бидејќи овозможува откривање на срцеви мани пред да се појават одредени симптоми. Со него можеме навремено да ги детектираме критичните вродени срцеви мани, како и оние што бараат понатамошно следење“, изјави м-р докторр Бети Ѓуркова-Ангеловска, специјалист по педијатрија и супспецијалист по педијатриска кардиологија.
Со оваа услуга, новороденчињата во нашата болница добиваат комплетна проценка на здравјето во првите денови од животот, а нашиот тим од врвни педијатриски кардиолози стои на располагање за понатамошна поддршка и следење доколку е потребно.