Писмо од мама Симона: Првата година со нашата Николија
По точно една година, Симона, мајката на малата хероина Николија, која се роди предвреме во нашата болница, со порака ги охрабрува сите родители на прематурни дечиња да не се плашат, да бидат храбри и да им веруваат на суперхероите во бели мантили.
„Бог да те определи тебе да бидеш родител на предвреме родено бебе. За мене лично, без разлика колку и да беше емотивно тешко, тоа е преголема чест и привилегија. Нема поубаво нешто од тоа кога ќе го гледаш твоето мало пајче како полека, но сигурно, израснува во прекрасен лебед.
Мојата Николија се роди во 32. гестациска недела, со 1 600 грама и 44 см должина. Денес, по една година, веќе е голема девојка која ментално, емотивно и физички парира на своите врсници родени во термин. Секој родител со прематурно дете поминува низ низа предизвици, како што и ние поминавме изминатата година: чести контроли во однос на правилниот раст и развој на детето, тежина, моторика, очни, кардиолошки, невролошки прегледи и сл.
По не знам кој пат, би сакала да му се заблагодарам на целиот тим од „Аџибадем Систина“ – сите доктори, сите неонатолози и медицински сестри од Одделот за неонатална интензивна нега. Јас милувам да кажам дека ова е целата војска што стои зад секоја ваква успешна приказна како нашата, што го спаси животот на моето дете и на многу други.
Би сакала да ги охрабрам сите идни родители на прематурни дечиња да не се плашат – во најсигурни раце се. Тие треба да знаат дека нивното дете не е ништо помалку од детето родено во термин. Да бидат горди на храброста и силата што Бог им ја дал, да се носат со оваа ситуација низ животот и да бидат сигурни дека на крајот сѐ ќе биде добро!
Нека ни е честит Денот на малите џинови!“ – напиша Симона.
Ве сакаат Николија и мама Симона.
(1).png)